Skip to main content
Македонија

Минчев: СДСМ ја изгуби идејата, Црвенковски беше симбол на државност

06/02/2026  21:32

Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Горан Минчев, во интервју за неделникот „Фокус“ даде критички осврт на актуелните состојби во СДСМ, партијата во која, како што вели, политички се формирал и во која долги години вложувал искрена посветеност.

Минчев истакнува дека СДСМ за него не била само политичка организација, туку идеја и вредносен систем во кој верувал. Според него, станувало збор за државотворна сила која се залагала за социјална правда, функционални институции и европска перспектива на државата.

„СДСМ за мене не беше само партија. Тоа е емоција. Тоа беше политичка сила во која искрено верував и во која политички растев“, вели Минчев.

Тој оценува дека денешната СДСМ значително се разликува од партијата од минатото, посочувајќи дека во изминатите години го изгубила довербата кај граѓаните поради, како што наведува, коруптивни практики, клиентелизам и отстапување од принципите што некогаш ги застапувала.

Според Минчев, актуелното раководство не нуди вистинска обнова, туку ја продлабочува политичката криза во партијата, оценувајќи дека ваквата состојба ја изнесува со чувство на политичка одговорност и жалење, имајќи ја предвид историската улога на СДСМ во државата.

Осврнувајќи се на можноста за евентуално обединување меѓу СДСМ и Движењето ЗНАМ, Минчев нагласува дека такво сценарио не е возможно без јасно соочување со минатото и преземање одговорност.

„Не можете да градите иднина ако старите практики сè уште се бранат или премолчуваат. Ова не е прашање на лични односи, туку на принципи“, истакнува тој.

Во интервјуто, Минчев се осврна и на поранешниот претседател и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, нагласувајќи дека неговиот став за него е одамна познат и непроменет, оценувајќи го како политичар со исклучителна државничка тежина.

„За г-динот Црвенковски моето мислење е одамна познато и може да се опише со еден збор – државник. Човек кој во клучни историски моменти носеше тешки одлуки со визија за државата“, истакна Минчев, додавајќи дека неговиот политички габарит ги надминува границите на Република Македонија.

Сепак, тој беше дециден дека Црвенковски нема никаква формална или неформална улога во Движењето ЗНАМ, ниту учествува во креирањето на политиките и одлуките на партијата.

„Сакам да бидам целосно јасен – г-динот Црвенковски ниту е дел од Движењето ЗНАМ, ниту пак учествува во креирањето на политичките одлуки. ЗНАМ има свое раководство, свои органи и јасна политичка платформа и програма, која ја градиме самостојно, одговорно и транспарентно“, посочи Минчев.

Тој додаде дека почитта кон нечие мислење и искуство не смее да се меша со политичко влијание или менторство.

„Дали го почитувам неговото мислење? Апсолутно. Мислењето на луѓе со искуство, интегритет и државничка тежина секогаш е добредојдено. Но, средбите, разговорите и фотографиите не значат политичко покровителство. Одлуките што ги носиме во ЗНАМ се резултат на нашите уверувања, принципи и одговорност кон граѓаните. За нив одлучуваме и одговараме исклучиво ние“, нагласи Минчев.

Минчев додава дека Движењето ЗНАМ е формирано како одговор на, како што вели, прифаќањето на корупцијата и клиентелизмот како нормалност во политиката, со цел враќање на моралот, достоинството и одговорноста во јавниот живот.

Тој потенцира дека движењето останува отворено за сите граѓани кои поддржуваат чесна и принципиелна политика, нагласувајќи дека без суштински промени и одговорност нема простор за компромиси со старите политички практики.