Skip to main content
Магазин

Шок за млад човек: Гледал видео +18 и открил дека тој е на снимката

06/02/2026  09:31

Една вечер во 2023 година, Ерик, млад човек од Хонг Конг, прелистувал содржини на канал на социјални мрежи што редовно го користел, кога ненадејно сфатил дека лицата на видеото што го гледа се тој и неговата девојка. Неколку недели претходно тие престојувале во хотел во Шенжен, несвесни дека нивната приватност била нарушена со скриена камера поставена во собата, објави BBC.

Нивните најинтимни моменти биле тајно снимени и подоцна објавени на интернет, каде што видеото било достапно за илјадници корисници. Ерик, кој претходно бил дел од публиката што гледала вакви содржини, одеднаш станал жртва на истата нелегална индустрија.

Според истрагата на BBC, таканаречената „порнографија со шпионски камери“ постои во Кина најмалку една деценија, иако производството и дистрибуцијата на порнографија во земјата е забрането. Во последните години, темата станала сè почеста на социјалните мрежи, каде што корисници – особено жени – разменуваат совети за откривање скриени камери, кои често се со големина на гума за молив.

Иако властите воведоа нови регулативи со кои хотелите се обврзуваат редовно да ги проверуваат собите, заканата не исчезнала. BBC открила илјадници неодамнешни снимки направени во хотелски соби кои се продаваат како нелегална содржина на различни веб-страници и апликации.

Голем дел од материјалот се промовира преку Telegram – апликација што официјално е забранета во Кина, но често се користи за нелегални активности. Во текот на 18-месечното истражување, биле идентификувани повеќе платформи кои тврделе дека управуваат со десетици скриени камери поставени во хотелски соби, дел од нив со можност за пренос во живо.

Според проценките на BBC, илјадници гости можеби биле снимени без нивно знаење, а многумина никогаш нема да дознаат дека нивната приватност била нарушена. Истражувањето покажало дека камерите често биле скриени во вентилациски отвори или други тешко забележливи места, поврзани директно со електричната мрежа на објектот.

Случајот на Ерик покажува и друга страна на проблемот – лесниот премин од гледач во жртва. Откако го открил видеото, неговата партнерка се исплашила дека снимката може да стигне до колеги и семејството, што довело до сериозен притисок врз нивната врска.

Истражувањето открива и добро организирана мрежа на посредници и таканаречени „сопственици на камери“, кои заработуваат значителни суми преку претплати за пристап до вакви содржини. Иако кинеските закони строго ја регулираат употребата на скриени камери, новинарите успеале релативно лесно да купат таков уред на локален пазар за електроника.

Невладините организации предупредуваат дека отстранувањето на ваквите снимки е исклучително тешко, бидејќи содржината брзо се копира и повторно се објавува на различни платформи. Од Telegram за BBC изјавиле дека споделувањето интимни снимки без согласност е забрането и дека се преземаат мерки за модерација, но дел од страниците и натаму остануваат активни.

Истрагата повторно го отвора прашањето за приватноста и безбедноста на патниците, покажувајќи дека и покрај регулативите, нелегалната индустрија со скриени камери продолжува да функционира.