Skip to main content
Магазин

Змија долга 7,22 метри и тешка 96,5 килограми влезе во Гинисовата книга на рекорди

06/02/2026  10:13

Женски мрежест питон (Malayopython reticulatus) откриен во областа Марос на индонезискиот остров Сулавеси кон крајот на 2025 година е официјално потврден како најдолгата змија некогаш измерена во дивината, според Гинисовата книга на рекорди.

Огромната змија, именувана Ибу Барон, е измерена на 18 јануари 2026, при што е утврдено дека е долга 7,22 м., а тешка 96,5 кг. Се верува дека нејзината вистинска должина, доколку мускулите се целосно опуштени, би можела да надмине 7,9 метри. Откритието привлече големо внимание, не само поради нејзината големина, туку и поради важноста на зачувувањето на видот. Тимот вклучен во документирањето на змијата се надева дека откритието ќе помогне да се подигне свеста за заканите со коишто се соочуваат овие животни и ќе поттикне поголеми напори за нивна заштита.

Ибу Барон сега е под грижа на локалниот конзерватор Буди Парванта.

Мрежестите питони се познати како најдолгите змии во светот. Овој вид, иако не е отровен, може да биде многу опасен поради својата исклучителна сила, способна да го згмечи и задуши својот плен.

Поради уништувањето на шумите и намалувањето на пленот како што се дивите свињи, овие змии се повеќе се среќаваат во човечките населби. Покрај тоа, џиновските питони често се мета на нелегални трговци со егзотични домашни миленици, што претставува дополнителна закана.