
Најпознатата криптовалута во светот, биткоинот, во последните месеци бележи невообичаено однесување, анализира CNN. Неговата вредност падна под 63.000 долари, што претставува најниско ниво од октомври 2024 година и значителен пад во однос на рекордните 124.000 долари достигнати претходно.
Самите ценовни осцилации не се новост за крипто пазарот, кој традиционално се карактеризира со силна нестабилност. Сепак, аналитичарите посочуваат дека моментот на падот е невообичаен, бидејќи доаѓа во период кога биткоинот, барем според очекувањата на неговите поддржувачи, требаше да бележи раст.
Со години, застапниците на криптовалутите тврдат дека биткоинот функционира како „дигитално злато“, односно безбедно засолниште за капитал во време на глобална неизвесност. Но, актуелната геополитичка и економска ситуација го доведува во прашање тој наратив. Растечките тензии на меѓународната сцена, заедно со превирањата на берзите предизвикани од брзиот развој на вештачката интелигенција, создадоа атмосфера на страв кај инвеститорите.
Индикаторите за пазарен ризик го потврдуваат тоа. Индексот на страв и алчност на CNN се наоѓа во зоната на „страв“, додека индексот на волатилност VIX накратко достигна највисоко ниво од ноември, период кога пазарите беа погодени од нестабилни макроекономски податоци и резултати од технолошките компании.
За разлика од биткоинот, златото продолжува да ја зацврстува својата позиција како класично безбедно засолниште. Цената на благородниот метал неодамна надмина 5.500 долари за унца, потврдувајќи ја довербата на инвеститорите во традиционалните форми на зачувување вредност.
Од почетокот на годината, биткоинот изгуби околу 20 проценти од вредноста, и покрај глобалните ризици кои теоретски требаше да го поттикнат растот. Инвеститорот Мајкл Бери, познат по точното предвидување на финансиската криза од 2008 година, оцени дека дел од падот на цените на златото и среброто може да се должи на инвеститори кои ги продаваат благородните метали за да ги покријат загубите на крипто пазарот.
Падот истовремено го избриша и таканаречениот „ефект на Трамп“. По изборната победа на Доналд Трамп во ноември 2024 година, криптовалутите забележаа силен раст поради очекувањата за поблага регулација на секторот. Сепак, новите движења на пазарот покажуваат дека ентузијазмот брзо се намалил.
Аналитичарите предупредуваат дека биткоинот во моментов повеќе се однесува како ризична актива отколку како заштита од кризи. Додека златото порасна за околу 24 проценти од октомври, биткоинот во истиот период загуби околу 44 проценти од вредноста.
Дополнителна неизвесност создаде и изјавата на американскиот секретар за финансии Скот Бесент, кој порача дека Министерството за финансии нема овластување да интервенира за стабилизирање на крипто пазарите.
И покрај актуелниот пад, дел од инвеститорите остануваат оптимисти. Историјата на биткоинот покажува повторувачки циклуси на силни падови и последователни опоравувања – од колапсот на Mt. Gox во 2014 година, преку падот од 2018 година по пукањето на крипто-балонот, до кризите во 2021 и 2022 година поврзани со регулаторни притисоци и случајот FTX. Во повеќето случаи, закрепнувањето следело во рок од околу година и пол.
Дали и овојпат историјата ќе се повтори, засега останува отворено прашање.

