
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави масовна полициска акција насочена кон разоткривање на криминалот поврзан со нелегално производство и трговија со марихуана во државата, посочувајќи дека јавноста во наредните денови ќе биде сведок на заплена на големи количини недозволени супстанции.
Според него, акцијата на Министерството за внатрешни работи веќе е во тек, а станува збор за сериозен организиран криминал во кој се вклучени правни субјекти од земјата и од странство.
„Граѓаните во наредните денови, па и во текот на денешниот ден, ќе бидат сведоци на заплена на десетици тони материи. Не станува збор за мали количини, туку за сериозен криминал кој со години се развивал“, изјави Мицкоски.
Премиерот упати и остри критики кон политиките на претходната власт на СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека со концептот за развој на бизнисот со марихуана биле создадени нереални очекувања кај граѓаните и инвеститорите.
„Тоа беше економска политика која ги натера луѓето да веруваат дека преку ноќ ќе станат милионери. Наместо економска трансформација, добивме тешка ситуација која ги загрозува младите генерации“, рече тој.
Според најавите, акцијата има за цел пресекување на нелегалниот промет и складирање на марихуана, при што, како што посочи премиерот, веќе се констатирани незаконски односи меѓу домашни и странски компании.
Мицкоски побара одговорност од креаторите на ваквите политики, нагласувајќи дека последиците од, како што рече, „катастрофалната состојба“ ќе станат јасни откако Министерството за внатрешни работи ќе ги објави официјалните податоци и резултати од акцијата.
