Skip to main content
Свет

Зеленски: Во војната загинаа 55.000 украински војници

05/02/2026  17:50

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од почетокот на руско украинската војна во 2022 година загинале 55.000 украински војници.Додаде и дека голем број сè уште се водат како исчезнати. Ова е највисоката бројка што досега официјално ја соопштил Киев и значително е повисока од претходните процени.

Зеленски во интервју за француската телевизија France 2 потсети дека во февруари 2024 година зборувал за 31.000 загинати, а една година подоцна за 46.000. Сепак, независни аналитички центри, меѓу кои и американскиот CSIS, проценуваат дека реалниот број на жртви може да биде меѓу 100.000 и 140.000.

Изјавата доаѓа во момент на нови дипломатски разговори и по најмасовниот руски воздушен напад оваа зима, при што беа лансирани десетици ракети и стотици дронови кон украинската енергетска инфраструктура. Зеленски порача дека Русија врши притисок врз Украина да прифати, како што рече, „ултиматум од Кремљ“.

„Ако ја изгубиме оваа војна, ја губиме независноста“, истакна тој, додавајќи дека Украина се бори не само за својата територија, туку и за европскиот начин на живот. Според него, рускиот претседател Владимир Путин не се плаши од Европа, но е чувствителен на економски и политички притисоци од САД.