Skip to main content
Балкан

Компании во Грција издавале фиктивни фактури во вредност од 720 милиони евра

04/02/2026  17:56

Инспекторите на Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) во текот на 2025 година откриле 147 компании кои учествувале во организирани мрежи за фиктивни трансакции со вкупна вредност од 718.128.098,16 евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од ААДЕ, со фиктивните фактури, конкретните компании не платиле ДДВ во вкупен износ од 143,5 милиони евра.

Фиктивните фактури биле регистрирани во повеќе сектори, меѓу кои градежништвото, трговијата на големо со храна и земјоделски производи, со облека и обувки, со фармацевтски производи, со метали, со телекомуникациска и ИТ-опрема, малопродажбата на мобилни телефони, компјутери и аудио-видео опрема, како и услугите за трговско посредување и деловна поддршка.

Според податоците, најголем обем на нерегуларности е утврден во градежниот сектор и во услугите за трговско посредување, каде износите на неплатен ДДВ се движат во десетици милиони евра.

Најголем број фактури, вкупно 20.058 со вредност од 214,5 милиони евра издале 37 компании од градежниот сектор, кои не уплатиле ДДВ во вкупен износ од 50,2 милиони евра.

Нешто помалку од 9.800 фактури со вкупна вредност од 97,7 милиони евра, биле издадени од 26 компании од секторот за деловна поддршка и општи услуги, при што не бил уплатен данок на додадена вредност од речиси 20 милиони евра.

Над 7.000 фактури во вредност од 81,9 милиони евра и избегнато ДДВ од 11,7 милиони евра, издале 14 компании од секторот за трговија на големо со храна и земјоделски производи.