
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.

