Skip to main content
Македонија

Точи: Под притисок се откажав од истражувањето за извозот на мозочно ткиво во САД

02/02/2026  23:51

Во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма повторно беше отворено прашањето за контроверзниот проект за извоз на мозочно ткиво од починати пациенти од Македонија во Соединетите Американски Држави, проект поврзан со името на професорот Горазд Росоклија, долгогодишен медицински експерт на Универзитет Колумбија.

Професорот Росоклија, специјалист по неврологија, невропатологија и психијатрија, дипломиран на Медицинскиот факултет во Скопје, беше посочен како еден од иницијаторите на истражувачки проект преку кој мозочно ткиво од починати лица со психијатриски дијагнози било испраќано во САД за научни цели. Иако бил поканет да се вклучи во емисијата во живо, тој одбил, наведувајќи дека е службено зафатен, но доставил кратка писмена изјава.

Во неа, Росоклија појасни дека станува збор за грант-проект потпишан во 1996 година, помеѓу Универзитетот Колумбија и македонски медицински институции, меѓу кои Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Психијатриската клиника. Според него, сите активности биле целосно легални и етички оправдани, со одобренија од етичките комисии и со писмена согласност од семејствата на починатите.

„Сите грантови беа одобрени од етичките комисии на Медицинскиот факултет, подоцна и од МАНУ и од Универзитетот Колумбија. За секое користено ткиво постоеше писмена согласност од семејствата“, наведе Росоклија, потенцирајќи дека проектот бил исклучиво од научен карактер и без какви било финансиски злоупотреби.

Сепак, во истата емисија, поранешната новинарка Менче Точи изнесе сериозни обвинувања, тврдејќи дека со години ја истражувала темата, но никогаш не ја објавила приказната поради директни притисоци.

Точи посочи дека откако дошла до името на Росоклија како носител на проектот, се обидела да добие официјален став, но наишла на отпор. Според неа, професорот во повеќе наврати ја убедувал дека проектот е завршен и дека нема потреба јавноста да се занимава со тоа.

„Имав подготвено неколку страници истражувачки текст, но поради притисоците се повлеков и не ја довршив сторијата“, изјави Точи, која важеше за новинар специјализиран за здравство.

Таа се присети и на лична средба со Росоклија во Скопје, во пицеријата „Галија“, каде, како што вели, следеле долги разговори и убедувања зошто не треба да објавува. „Ми се зборуваше дека станува збор за епохални откритија и дека треба да бидеме горди што проектот се реализира во Македонија“, рече Точи, додавајќи дека информациите за проектот ги потврдила и во Институтот за судска медицина.

Дополнително, таа откри дека подоцна добила и покана да престојува еден месец на Универзитетот Колумбија, но одлучила да ја одбие.

Случајот повторно привлече внимание откако името на Росоклија се појави во поширокиот контекст на документи поврзани со починатиот американски сексуален престапник Џефри Епстин, објавени од Министерството за правда на САД, иако засега нема официјални наводи за негова директна вмешаност во незаконски активности.

Обвинувањата и спротивставените тврдења повторно го отворија прашањето за транспарентноста, новинарската слобода и јавниот надзор врз чувствителни медицинско-истражувачки проекти.