Skip to main content
Економија

Димитриеска-Кочоска: Дијалогот за минималната плата треба да го водат работниците и работодавачите

02/02/2026  21:25

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вечерва истакна дека зголемувањето на минималната плата е прашање што треба да го решат работниците и работодавачите, а Владата ќе го прифати нивниот договор.

„-Нека седнат да се договрат меѓусебе колку можат да носат товар работодавачите, зашто тие треба да ги исплатат платите. Кажете ми каде во светот државата ги покрива платите на приватниот сектор? Владата може да ги покрива платите на администрацијата, а тука станува збор за приватниот сектор. Не можеме да ги мешаме работите. Пензионерите се дел од Буџетот, исто и платите на администрацијата. Ние ги зголемивме платите во здравството, образованието, МВР,…, се погриживме за нашите вработени. Ова е дијалог што треба да го водат работодавачите и работниците. Владата вели – „ние го поставивме законот, ако сметате дека треба да одиме надвор од законот, договорете се“, објасни министерката, рече министерката во гостување на МТВ во емисијата „360 степени“ .

Таа посочи дека Владата веќе ги зголемила платите во јавниот сектор, вклучително здравство, образование и МВР, и дека дијалогот за минималната плата е исклучиво задача на приватниот сектор. На прашање за разликата со зголемувањето на пензиите линеарно за 5.000 денари, Димитриеска-Кочоска нагласи дека пензиите биле предизборно ветување од 2024 година, додека минималната плата се води според закон. Министерката исто така не даде информации за можното зголемување на платите на функционерите, истакнувајќи дека тоа е надлежност на друго ресорно министерство.