Skip to main content
Македонија

Формиран Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот

02/02/2026  16:24

Со пораката дека правдата мора да биде практика, а не декларација, премиерот Христијан Мицкоски ја отвори конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот. Тој истакна дека борбата против корупцијата и криминалот не смее да заврши само со кривични постапки, туку мора да резултира со одземање на нелегално стекнатиот имот и негово враќање на граѓаните. Според Мицкоски, во моментов се обработуваат над 50 случаи на висока корупција кои со години биле игнорирани, а најави и отворање нови истраги, нагласувајќи дека нема селективна правда и недопирливи лица. Премиерот потенцираше дека за ефикасна борба против корупцијата неопходно е силно, независно и професионално судство и обвинителство, како и јасни механизми за конфискација на нелегален имот.

Тој појасни дека Стратегијата за периодот 2025–2028 година предвидува три приоритети: откривање и гонење на нелегално стекнати средства во земјата и странство, брза и законска конфискација и ефикасно управување со одземениот имот, вклучително и негова употреба за социјални цели. Вицепремиерот задолжен за политики за добро управување и претседател на Советот, Арбен Фетаи, оцени дека формирањето на ова тело претставува пресвртница во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Тој нагласи дека Советот нема оперативна, туку координациска и надзорна улога, со цел поефикасно спроведување на финансиските истраги и конфискацијата, во согласност со европските стандарди.