
Јавен обвинител од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основен кривичен суд Скопје против повеќе лица осомничени за коруптивни дејствија поврзани со користење средства од ИПАРД програма.
Според наводите, првообвинетиот – управител на приватна фирма – поднел апликација на јавен повик кај Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Иако компанијата не ги исполнувала пропишаните критериуми и била слабо рангирана, управителот наводно се обидел да ја издејствува поддршката преку корупција. Во повеќе наврати нудел и давал мито за да се промени одлуката: на раководно лице му бил ветен „подарок“ од 50.000 евра, а на уште три службеници им биле исплатени по 5.000 евра за да влијаат врз постапката и да обезбедат незаконско одобрување на средствата.
Истрагата утврдила дека четворица државни службеници од Агенцијата постапувале спротивно на закон. И покрај сознанијата дека апликацијата не ги исполнува условите, тие извршиле неточни пресметки, прифатиле некомплетна документација и одобриле финансиска поддршка што не смеела да биде доделена. Еден од обвинетите, иако бил свесен за незаконитоста, го потпишал решението со цел да го добие ветеното мито.
Поради тежината на делата, за дел од осомничените и натаму се применуваат мерки притвор и куќен притвор, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост – забрана за вршење работа во Агенцијата, одземање патни исправи и редовно јавување кај надлежен орган.
Во рамки на постапката, Обвинителството побара и конфискација на предмети користени при извршување на делото, меѓу кои мобилни телефони, дигитални носачи на податоци и парични средства во износ од 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.
Дополнително, од досега обезбедените докази произлегле индиции за пошироки злоупотреби со ИПАРД средствата, поради што е отворена нова предистражна постапка која сè уште е во тек.
