Skip to main content
Свет

Шокантни наводи од САД: Замрзнувани човечки мозоци од Македонија за американски лаборатории

02/02/2026  10:14

Во објавени електронски пораки и документи поврзани со случајот на починатиот американски милионер Џефри Епштајн се појавуваат наводи дека човечки мозоци од починати лица од Македонија биле замрзнувани и транспортирани во Соединетите Американски Држави за научно-истражувачки цели.

Станува збор за новинарско истражување објавено од Bloomberg Businessweek, потпишано од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет. Истражувањето не е директно поврзано со сексуалниот скандал на Епштајн, туку е фокусирано на научни анализи поврзани со самоубиствата и употребата на кетамин. Текстот е објавен под наслов „Лек стар 50 години што би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“.

Во написот се наведува дека американски научници, поврзани со Универзитет Колумбија, со години формирале банка од околу 1.000 човечки мозоци, наменети за истражувачки цели. Колекцијата вклучувала примероци од лица кои извршиле самоубиство, како и контролни примероци, при што Македонија е наведена како една од земјите од кои биле обезбедени дел од примероците.

Според објавените информации, мозоците биле отстранувани по смртта, веднаш криопрезервирани и транспортирани во САД, каде биле правилно означени, класифицирани и архивирани. Во дел од електронската кореспонденција се опишуваат и логистичките процедури за замрзнување, транспорт и складирање на примероците.

Во еден од цитираните мејлови се наведува дека процесот бил олеснет од член на факултетот на Универзитетот Колумбија со потекло од Македонија, кој помогнал во организацијата и координацијата на целата постапка. Во пораките детално се опишува начинот на транспорт, етикетирање и чување на примероците за научна употреба.

Дополнително, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека Џефри Епштајн, преку својата фондација, донирал средства за истражувања поврзани со овие примероци. Овие наводи, кои се шират преку објави на „Фејсбук“, засега остануваат непотврдени од официјални институции.

Инаку, Министерство за правда на САД на 30 јануари 2026 година објави милиони страници документи поврзани со случајот Епштајн, по што неговото име повторно се најде во фокусот на јавноста. Новите објави отвораат низа прашања за обемот на неговото влијание и можните врски со научни и истражувачки проекти, но надлежните институции засега немаат официјално соопштение во врска со наводите што се однесуваат на Македонија.