
Соопштение на Левица:
Македонија го испрати извештајот за преземени мерки за заштита на Охрид и Охридско езеро до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, но истовремено излезе и Ревизорскиот извештај на ДЗР кој јасно покажува дека во Охрид не само што нема напредок, туку институциите системски не постапувале, а дивоградбите никнувале како печурки.
Во 2024 година, под раководство на тогашниот и сегашен градоначалник, Кирил Пецаков, од ДПМНЕ, во град заштитен со статус на светско природно и културно наследство, се градело без одобренија за градење, без платени комуналии и без урбанистички планови. ДЗР утврди дека нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, не се преземени мерки за отстранување на илјадници бесправно изградени објекти, особено во заштитените подрачја. Ревизорите утврдиле дека има 4847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, а од 456 решенија за уривање ниедно не е спроведено.
И покрај тоа што се донесени илјадници решенија за одбивање на легализација на дивоградби и постојат стотици правосилни акти за нивно уривање, Општината не презела никакви мерки за отстранување. Со тоа директно се крши Планот за заштита на културното наследство и обврските кон УНЕСКО, а Охрид се претвора во плен на урбанистичката мафија и алчните инвеститорски апетити.
Левица предупредува дека извештаите до УНЕСКО не можат бесконечно да служат како параван за прикривање на реалната состојба. Веќе 25 години властите ја лажат меѓународната заедница дека ќе преземат конкретни мерки, додека на терен се толерираат дивоградби, сѐ со цел да им се удоволи на економски и политички моќници и партиски блиски бизниси.
Ако УНЕСКО го оцени извештајот како недоволен, повторно ќе се отвори прашањето за ставање на Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност, што ќе биде директно резултат на неодговорното и криминално владеење на локалната и централната власт.
Левица бара итно и конкретно постапување: уривање на дивоградбите, запирање на урбанистичкиот криминал и кривична одговорност за сите инволвирани. Охрид со своето природно и културно наследство не смее да биде жртва на профитот на бизнис елитите.

