
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, следната недела ќе го пополни анкетниот лист за имотната состојба и ќе ја плати казната, откако не го пријавил имотот во рокот предвиден од Антикорупциската комисија. Ѓорѓиевски признава грешка и објаснува дека бил презафатен со обврски. Законскиот рок за поднесување на анкетен лист е 30 дена од изборот, а тој е избран пред повеќе од два месеца.
„Анкетниот лист бидејќи електронски се пополнува, морам да истакнам и тука да си ја признавам својата грешка, поради обврските во градот Скопје и обемната работа не стигнав изминатиот период тоа да го направам. Но јас веќе имав излагање дека мојата имотна состојба откако сум бил советник во Кисела Вода е непроменета и во периодот кога бев градоначалник и сега како градоначалник на град Скопје. Наредната недела ќе ја завршам таа обврска, до мене има стигнато еден платен налог, прекршочен и ќе си го платам, тоа си е моја кривица“, изјави Ѓорѓиевски.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, потврди дека градоначалникот се уште не го поднел анкетниот лист за имотот од функцијата во Кисела Вода и за новата функција. Му се пуштени двата прекршочни налози, а ДКСК нема можност дополнително да го санкционира доколку казната е платена, што според Чучуљ е потреба за законски измени. Четворица судии исто така не поднеле изјава за имотот, за еден се води прекршочна постапка, за еден е застарена, а за другите двајца ќе се поведат дополнителни постапки. Судии и други високи функционери, како обвинители и министри, ќе бидат проверувани континуирано, а оваа година ДКСК планира да ја проверува имотната состојба на по 10 лица од овие категории.
