
Министерот за внатрешни работи денес го посети зимското одморалиште на МВР на Пониква. Таму традиционално во овој период престојуваат децата и семејствата на загинатите бранители.
Тошковски имаше заеднички ручек со присутните. Тој истакна дека државата има морална и институционална обврска кон овие семејства.
„Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци,сопрузи, синови во одбрана на татковината. Таа жртва не смее и нема да биде заборавена“, порача министерот.
Тој додаде дека грижата за нив претставува аманет и трајна обврска на институциите, секогаш да бидат покрај нив, да им даваат поддршка и да одговараат на нивните потреби во рамките на надлежностите.

