
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, денеска информираше дека официјално е започната постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за ЈП „Комунална хигиена“, што, како што истакна, претставува најголема инвестиција во јавната чистота во последните десет години.
Тендерската постапка ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светска банка и веќе е распишана, а по завршувањето на сите правни процедури ќе започне и испораката на возилата. Дополнително, на денешната седница на Советот на Град Скопје ќе биде усвоена и програмата за Комунална хигиена, со која од буџетот на градот ќе се обезбедат уште повеќе од десет нови камиони.
„Ова значи дека Скопје ќе добие над 40 нови возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата во сите населби. Ова е јасен показател за нашата посветеност да донесеме ред и достоинство во градот“, истакна Ѓеорѓиевски.
Тој нагласи дека оваа инвестиција се реализира за помалку од три месеци откако ја презел функцијата градоначалник, за разлика од претходните осум години, кога биле набавени само четири возила. Ѓеорѓиевски најави дека процесот на обновување на возниот парк ќе продолжи и во наредниот период.
Според него, долгогодишниот проблем со отпадот во главниот град постепено заминува во историјата, бидејќи Скопје ќе располага со доволен број модерни возила за навремено, организирано и ефикасно одржување на чистотата.
„Чист град значи здрав град, а здрав град – подобар живот за сите“, порача градоначалникот, заблагодарувајќи се на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот за транспорт Александар Николоски за поддршката во реализацијата на проектот.
Ѓеорѓиевски додаде дека со овие чекори Скопје отвора ново поглавје во својата историја и дека подобрите услови за живот ќе станат реалност за сите граѓани.
