
Аеродромите во повеќе азиски земји се ставени во состојба на зголемена здравствена подготвеност откако индиските власти потврдија два случаи на смртоносниот вирус нипа во државата Западен Бенгал минатиот месец, објави „Гардијан“. Поради страв од можност за пошироко ширење на вирусот, земји како Тајланд, Непал и Виетнам воведоа дополнителни контроли и здравствен скрининг на патниците кои пристигнуваат од Индија.
Индиското Министерство за здравство соопшти дека двата случаи се регистрирани во декември, но уверува дека заразата била навремено локализирана. Според официјалните информации, околу 200 лица кои биле во близок контакт со заразените биле тестирани, при што не биле откриени нови случаи. Властите наведуваат дека ситуацијата е под постојан надзор и дека нема индикации за неконтролирано ширење.
Вирусот Нипа е зооноза што најчесто се пренесува од животни на луѓе, особено од овошни лилјаци и свињи, преку директен контакт или контаминирани телесни течности. Инкубацискиот период трае од четири до 14 дена, а симптомите најчесто започнуваат со висока температура, мачнина и респираторни тегоби. Кај потешките случаи може да дојде до пневмонија и воспаление на мозокот, што предизвикува сериозни невролошки нарушувања и често завршува со смртен исход.
Поради високата заразност и фактот што за вирусот не постои вакцина или специфичен третман, Светската здравствена организација го вбројува нипа меѓу најризичните патогени со потенцијал за епидемии. Стапката на смртност, според досегашните податоци, се движи меѓу 40 и 75 проценти.
Вирусот првпат бил откриен во 1998 година во Малезија, кога предизвикал смрт на повеќе од 100 луѓе. Оттогаш, случаи периодично се регистрираат во неколку азиски земји, меѓу кои Индија, Бангладеш, Филипините и Сингапур. Во Индија, првиот случај е забележан во 2001 година во Западен Бенгал, а најсмртоносната епидемија се случи во 2018 година во државата Керала, кога починаа најмалку 17 лица.
И покрај уверувањата од индиските власти дека ситуацијата е стабилна, повеќе земји во регионот презедоа превентивни мерки. Тајланд, Виетнам и Индонезија воведоа дополнителни проверки на аеродромите, вклучително и мерење телесна температура и здравствени декларации за патници од Индија. Мјанмар препорача избегнување несуштински патувања во Западен Бенгал, додека Кина ги зајакна мерките за здравствен надзор во пограничните области.
Од индиското Министерство за здравство порачуваат дека тврдењата за нагло ширење на вирусот се неосновани и дека сите регистрирани случаи се под целосна контрола.
