Skip to main content
Свет

Калас: Мора да ја притиснеме Русија за сериозно да преговара за мир во Украина

29/01/2026  09:07

Гледаме дека меѓународниот поредок базиран на правила е под голем притисок, дека трансатлантските врски не се исти како што беа, а имаме и закани како што е руската војна во Украина и нестабилност на Блискиот Исток, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред доаѓањето на денешниот Совет за надворешни работи на Унијата.

Таа посочи дека очигледно е дека Русија сè уште не е сериозна во врска со мировните преговори за Украина, имајќи предвид дека на последната рунда разговори во Абу Даби од руска страна беа присутни само воени лица, кои, според неа, немаат мандат да се договорат за ништо што би било дефинитивно.

– Затоа е важно да ја поттикнеме Русија на преговори токму сега. Тие само се преправаат дека преговараат, а гледаме како ги зголемуваат своите напади врз Украина. Не можат да постигнат резултати на бојното поле, па затоа напаѓаат цивили, ги таргетираат болниците, училиштата, станбените згради, критичната и енергетската инфраструктура, со цел да ги принудат Украинците да се предадат и навистина мора да бидеме многу јасни во врска со ова, рече Калас.

Според неа, јасно е дека за да успее каков било мировен договор за Украина, во неговото постигнување мора да бидат вклучени и Европејците, бидејќи војната е на европско тло.

– Гледаме дека Американците не ја поддржуваат Украина речиси повеќе од една година. Европејците го прават тоа за да може Украина да се одбрани, па за нас е многу важно принципите на територијален интегритет и суверенитет да бидат почитувани. Секако гледаме дека меѓународното право е под голем притисок не само во Украина, туку и од други сили, рече Калас.