
Против три лица е поднесена кривична пријава поради злоупотреба на лични податоци и фалсификувана документација за време на локалните избори во Богданци. Тие се обиделе со фалсификатите да поднесат кандидатска листа за членови на советот на општина Богданци.
Според пријавата на ОВР Гевгелија, 40-годишен жител на Богданци во септември 2025 година, без согласност, ги искористил личните податоци од лична карта и патна исправа на неговата мајка и на уште едно лице и ги предал на 33-годишен скопјанец. Осомничениот од Скопје, потоа ги употребил тие податоци во постапка за кандидирање пред Општинската изборна комисија Богданци, при што биле фалсификувани и потписите на лицата чии податоци биле злоупотребени.
Третоосомничениот, 45-годишен жител на Скопје, според пријавата, на 13 септември 2025 година во Богданци ги предал така изготвените лажни јавни исправи на членови на Општинската изборна комисија, со цел да се поднесе листа за кандидати за членови на Советот.
Против осомничените се поднесени пријави за „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување исправа“ и „помагање“ во врска со фалсификување, а постапката продолжува кај надлежните органи.
