
Европската Унија дава целосна поддршка за членството на Северна Македонија, а клучот за напредокот е во внатрешното обединување и забрзувањето на реформите, порача денеска евроамбасадорот Михаил Рокас. Говорејќи на промоцијата на истражувањата за јавното мислење за пристапувањето во ЕУ во Собранието, Рокас истакна дека Владата, опозицијата, институциите, граѓанското општество, бизнисите и младите треба заеднички и прагматично да делуваат. Според него, иако дел од граѓаните сметаат дека надворешните фактори се пречка за членството, внатрешното единство може да ги надмине останатите бариери. Рокас нагласи дека времето е поволно и дека поддршката за ЕУ расте. Истражувањето покажува дека поддршката за членство во ЕУ е зголемена од 61 на 71 отсто, со особено силна поддршка кај младите. Тој оцени дека охрабрува и намалувањето на разликите меѓу етничките заедници и политичките партии, како и фактот што граѓаните ги препознаваат реформите во судството, борбата против корупцијата и заштитата на животната средина како приоритети.
Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, оцени дека ваквите истражувања се важни за следење на перцепциите на граѓаните за евроинтегративниот процес. Таа истакна дека и покрај сложената геополитичка состојба, целта за интеграција на земјата и регионот во ЕУ останува непроменета. Според Дрекслер, охрабрувачки е што довербата во процесот на пристапување е стабилизирана и што граѓаните, покрај економските придобивки, во членството гледаат и чувство на припаѓање и зајакнување на владеењето на правото.

