
Полициски службеници од СВР Тетово, Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје рано утрово спроведоа координирана акција во тетовското село Брвеница, при што беа лишени од слобода пет лица, а пронајдени се дрога, огнено оружје, муниција и поголеми парични износи.
Акцијата е реализирана на 28 јануари 2026 година околу 06:40 часот, врз основа на претходно издадена судска наредба. Извршени се претреси во куќи, помошни простории и патнички возила на повеќе локации во селото Брвеница.
При претрес кај И.Ј. (43) биле пронајдени пет паковки со бела прашкаста материја, 52 куршуми од автоматска пушка калибар 7,62 милиметри, два куршуми од пиштол од непознат калибар, како и една чаура од автоматска пушка.
Кај С.З. (36) полицијата пронашла и одзела 20 куршуми од автоматска пушка калибар 7,62, пиштол и рамка со два куршуми, кои ги поседувал без дозвола, како и дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја.
При претрес кај Д.П. (69) биле пронајдени пиштол кој го поседувал без дозвола, како и ловен карабин, ловна пушка и пиштол за кои поседувал соодветна дозвола.
Кај Д.П. (65) биле откриени два списоци и една тетратка со имиња на лица, два компјутери, како и парични средства во износ од околу 31.640 евра, 3.400 швајцарски франци и 56.500 денари.
Дополнително, кај С.З. (42) е пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
Сите приведени лица се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по член 396 и член 215 од Кривичниот законик.

