
Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“, денеска одржа јавна расправа за Нацрт-законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор, чија цел е унапредување на систематското објавување и користење на јавните податоци.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека транспарентноста и отвореноста претставуваат јасна и недвосмислена заложба на Владата, нагласувајќи дека јавните податоци треба да бидат достапни не само преку соопштенија и законски одлуки, туку и преку тековни анализи и работни документи на институциите, на еден јасен и систематизиран начин.
Тој потсети дека и досега постоел порталот за отворени податоци Data.gov.mk, но со ограничена употреба, поради што со новиот закон се предвидува прецизно уредување на правилата за пристап, објавување и користење на податоците од страна на државните институции.
Андоновски информираше дека Министерството спровело значајна техничка модернизација на порталот, при што е направена целосна бекенд-надградба и е заменет застарениот оперативен систем. Во рамки на унапредувањата, беше промовиран и ВИ чат-бот интегриран со порталот, развиен во соработка со Македонски Телеком и со поддршка од волонтери на Министерството.
Според министерот, чат-ботот, кој користи вештачка интелигенција, ќе им овозможи на граѓаните, невладините организации и заинтересираните субјекти полесно и побрзо да дојдат до потребните информации, без сложено пребарување низ големи бази на податоци, туку преку едноставни прашања.
Тој нагласи дека Нацрт-законот не е конечен и дека постои подготвеност истиот да биде дополнет и подобрен во согласност со сугестиите и потребите на засегнатите страни, со цел уште поголема транспарентност и ефикасно користење на јавните податоци.
Дополнително, Андоновски најави и идна техничка надградба на порталот Data.gov.mk, која ќе овозможи автоматско повлекување на податоците од институциите, без потреба од рачно објавување.
„Кога ќе се создадат висококвалитетни и обемни датасетови, тогаш и нивната употреба значително ќе се зголеми, бидејќи во моментов користењето е навистина ниско“, истакна министерот.
Нацрт-законот е подготвен во рамки на усогласувањето со правото на Европската Унија и европските политики во областа на отворени податоци и дигитална транспарентност.
