
Шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Нелоски, остро реагираше на денешната прес-конференција на СДСМ, на која опозицијата изнесе обвинувања дека наводни тендерски мрежи поврзани со фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ водат до него.
Преку објава на социјалните мрежи, Нелоски ги отфрли обвинувањата како неосновани и манипулативни, притоа повикувајќи ја опозицијата наместо во прашална, своите тврдења да ги формулира во потврдна форма, со цел, како што наведе, да може да покрене соодветна судска постапка за клевета.
Реакцијата следува откако од СДСМ соопштија дека таткото на Нелоски, Јовица Нелоски, минатата година станал содружник во трговското друштво за облека „Трго строј“ ДОО Скопје, чиј сопственик и управител е Оливера Доновска, сопруга на сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“. Според опозицијата, оваа поврзаност е дел од поширока шема на блиски односи меѓу власта и фирми кои добивале јавни набавки.
Нелоски во својата реакција потврдува дека неговиот татко е содружник во споменатата фирма, но категорично тврди дека компанијата нема никаква врска со државни тендери, ниту учествувала или добила јавна набавка, а уште помалку, како што нагласува, може да влијае врз одлуки на државни институции.
„Како и секој граѓанин, и мојот татко има право да работи во приватниот сектор. Тој цел живот чесно заработува и со трговија се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, наведува Нелоски.
Тој ги оцени прес-конференциите на СДСМ како, како што рече, нечесни и валкани, исполнети со невистини, полуинформации и конструкции со цел политички напад, а не информирање на јавноста.
„Со лаги и манипулации не се гради доверба. Така само дополнително се урива угледот на партија која веќе е обременета со криминал, корупција и внатрешни поделби“, напиша Нелоски.
Во изминатиот период, СДСМ одржа повеќе прес-конференции на кои нивниот антикорупциски тим ја посочува фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, тврдејќи дека таа добила 51 тендер во вкупна вредност од околу 16 милиони евра, најчесто во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, изјави дека според нивните сознанија, тендерската шема околу оваа фирма води директно до кабинетот на премиерот, посочувајќи ја поврзаноста меѓу сопственичката структура на „Трго строј“ и семејството на шефот на кабинетот.
Од Владата засега нема дополнителен коментар, додека Нелоски повторува дека доколку обвинувањата бидат јасно и директно изнесени, ќе побара судска разрешница пред надлежните институции.
