Skip to main content
Свет

Вашингтон разгледува можен воен удар врз Иран

27/01/2026  21:15

Тензиите на Блискиот Исток повторно растат откако западни медиуми објавија дека САД разгледуваат опции за можен воен удар врз Иран. Во регионот веќе е распореден американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“, што дополнително ги засили шпекулациите за можна ескалација. Според воени извори, доколку Белата куќа донесе одлука, американските сили би можеле да реагираат во рок од 24 до 48 часа. Во Пентагон се анализираат различни сценарија, вклучувајќи и прецизни удари врз ирански воени и политички цели. Зголемените тензии се совпаѓаат со новата одбранбена стратегија на САД за 2026 година, во која Иран е посочен како една од главните безбедносни закани, особено поради нуклеарните амбиции и обидите за зајакнување на воената моќ.

Од Техеран стигнаа остри пораки дека земјата е подготвена да одговори на секоја агресија со „целосна сила“. Во исто време, Иран се соочува со сериозна економска криза, висока инфлација и длабоко социјално незадоволство поради долгогодишните санкции. И покрај критиките кон власта, дел од иранската јавност се спротивставува на странска воена интервенција, додека либанскиот Хезболах предупреди дека евентуален напад врз врховниот лидер би се сметал за објава на војна.