
Инспекциските служби на Општина Струмица, односно инспекторката за животна средина и комуналните инспектори, во изминатите денови, во координација со полициски службеници од МВР Струмица, спроведоа засилени контроли на терен.
Во рамки на спроведените активности, од три физички лица одземен е бакар во вкупна количина од 31 килограм. За еден правен субјект кој управувал со отпад без соодветна дозвола, покрената е постапка за спогодување пред Комисија формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Дополнително, од страна на комуналните инспектори на шест физички лица им се изречени прекршочни глоби во износ од 50 евра, согласно Одлуката за комунален ред. На уште четири физички лица, од страна на инспекторката за животна средина, им се изречени глоби во износ од 250 евра, согласно Законот за управување со отпад, поради согорување отпад на отворено.
Сите преземени мерки се во согласност со важечките законски прописи.
Засилените контроли во делот на загадувањето на воздухот предизвикано од согорување отпад и бакар на отворено ќе продолжат и во наредниот период, во координација со Министерството за внатрешни работи.
Согласно Планот за работа на Секторот за инспекциски работи, во тек е вршење на редовни инспекциски надзори над правни субјекти кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, од надлежните служби очекува посветена, координирана и навремена работа, строго во рамките на законските надлежности и прописи.
Воедно, Општина Струмица упатува апел до граѓаните за активна соработка и навремено пријавување на вакви појави, со цел заеднички да придонесеме кон заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на живот.

