Skip to main content
Македонија

Муцунски: Брисел мора да најде решение за превозниците

27/01/2026  10:58

Говорејќи за протестите на превозниците кои втор ден по ред ги блокираат граничните премини во регионот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во емисијата „Тема на денот” на Сител изјави дека проблемот е сериозен, но дека Владата веќе неколку месеци е во директна и активна комуникација со институциите во Брисел со цел изнаоѓање решение.

„Овие правила не се насочени само кон нашата држава, туку се применуваат кон сите земји од Западен Балкан, земји кандидати и држави кои не се членки на ЕУ. Од септември активно комуницираме со Европската Унија по двете клучни прашања – и за превозниците и за тарифите за челикот”, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека Владата јасно укажала до институциите во Брисел дека евентуалната примена на овие мерки ќе има сериозни економски последици за државата и регионот.

„Доколку се применат мерките за превозниците и тарифите за челичната индустрија, цената што ќе ја платиме ќе биде четири до шест пати повисока од средствата што би ги добиле од Планот за раст, дури и во најоптимални услови”, рече министерот.

Муцунски оцени дека е неприфатливо земјите од регионот да бидат ставени во иста група со држави како Русија, Белорусија, Северна Кореја или Кина, кога станува збор за трговски рестрикции. Како што посочи, ова прашање е отворено и на највисоко политичко ниво, вклучително и преку директна комуникација со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Европската Унија е свесна дека постои проблем и работи на изнаоѓање решение, но не сме задоволни од динамиката. Нашата обврска е да продолжиме со притисок, да нудиме конкретни решенија и да настапуваме координирано како регион”, нагласи Муцунски.

Министерот додаде дека постои редовна координација со министрите за надворешни работи од Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, со цел усогласен регионален пристап кон институциите во Брисел.

„Доколку Европската Унија е искрена во намерата за интеграција на регионот, нема да дозволи примена на мерки кои толку сериозно ќе ја нарушат економијата и ќе предизвикаат колапс на транспортот и синџирите на снабдување”, порача Муцунски.