Skip to main content
Балкан

Црна Гора затвори 13 од 33 поглавја од преговорите со ЕУ

27/01/2026  07:39

Црна Гора вчера, на Меѓувладината конференција меѓу Црна Гора и Европската унија во Брисел, официјално го затвори преговарачкото Поглавје 32 – Финансиски надзор. Со ова, земјата досега има затворено 13 од вкупно 33 преговарачки поглавја во процесот на пристапување кон Европската унија.

Европската комесарка за проширување Марта Кос потсети дека Црна Гора во декември 2025 година затвори пет поглавја, а позитивната динамика продолжува и во 2026 година. Таа нагласи дека годинава се одбележуваат 20 години од обновата на црногорската независност, што, според неа, нема да биде само година на прослава, туку и на засилен и посветен реформски напор.

„Ова е добар почеток на годината и Црна Гора е на пат до крајот на 2026 година да ги затвори сите преостанати поглавја“, порача Кос.

Спаиќ: Процесот на проширување е жив

Црногорскиот премиер Милојко Спаиќ изјави дека брзината со која Црна Гора ги затвора преговарачките поглавја е јасен доказ дека процесот на проширување на Европската унија и понатаму е жив и релевантен. Тој изрази уверување дека земјата може да ги затвори сите поглавја уште до крајот на оваа година.

„Оваа Меѓувладина конференција е доказ дека на европскиот пат нема пречки и нема пречекорувања. Сè мора да се направи со работа и реформи“, истакна Спаиќ.

Тој додаде дека Европската унија, во време на глобална несигурност, останува столб на мирот, демократијата и владеењето на правото.

„Не постои поголем идеал од обединета Европа. Црна Гора самоуверено чекори кон таа цел“, рече премиерот.