Skip to main content
Свет

СЗО жали за повлекувањето на САД

25/01/2026  09:30

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека жали што САД официјално се повлекоа од здравствената агенција на ОН и дека се надева дека Вашингтон ќе се врати на активно учество во иднина.

САД во четвртокот ја напуштија организацијата, една година по предупредувањата дека тоа ќе му наштети на јавното здравје во САД и на глобално ниво.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го критикуваше начинот на кој СЗО се справи со пандемијата на Ковид-19. Трамп рече дека СЗО не дејствувала независно од „непотребното политичко влијание од земјите-членки на СЗО“ и дека агенцијата барала „неправедно тешки плаќања“ од САД кои биле непропорционални на износите обезбедени од други, поголеми земји, како што е Кина.

СЗО соопшти дека стои зад својот одговор на „невидената глобална здравствена криза“ предизвикана од пандемијата, додавајќи дека „системите што ги развивме и управувавме пред, за време и по вонредната фаза на пандемијата, работејќи 24/7, придонесоа за безбедноста на сите земји, вклучително и на САД“.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера изјави дека причините што ги наведоа САД за повлекување од меѓународната организација се „неточни“, пренесе ДПА.

„За жал, причините што ги наведоа САД за одлуката да се повлечат од СЗО не се вистинити. Известувањето за повлекување ги прави и САД и светот помалку безбедни“.