Skip to main content
Економија

„Оне Македонија“ и официјално трет мобилен оператор, најавува новини и сериозен удел на пазарот

23/01/2026  15:27

„Оне Македонија“ на унгарски „Фор ај џи“, која денеска доби лиценца за трет мобилен оператор во државата од Агенцијата за електронски комуникации, најавува новини на пазарот, на кој, според раководството, има амбиции да заземе сериозен удел. Првенствено ќе почне со мрежите на постојните оператори додека да изгради сопствена. Со изградба на 5G stand alone мрежа,  според АЕК, треба да понуди новини што досегашните мрежи не ги поддржуваат. Се очекува и работа за младите телекомуникациски инженери и за домашни компании, кои ќе склучат договори за соработка.  

Компанијата планира да инвестира до 100 милиони евра во изградба и развој на мрежата, вклучително и во инфраструктура, отворање нови работни места, обуки, како и долгорочна соработка со домашни ИКТ-компании.

– Добивањето на лиценцата  е стратешка одлука и долгорочна обврска, ја одразува нашата доверба во државата и нејзините институции во поширокиот регионален и европски дигитален пејзаж. Со спроведената трансперентна и структурирана постапка се испраќа јасен сигнал дека Македонија е посветена на фер конкуренција, долгорочни инвестиции и развој на доверливи дигатални инфаструктури – рече Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор на стратегии во Групацијата 4иГ на настанот во АЕК, на кој беа доделени трите одобренија за радиофреквенциските опсези со кои ќе работи.

 „Оне Македонија“ на 14 јануари го уплати еднократниот надомест во износ од 8.020.003 евра, со што ги исполни сите услови да ги добие одобренијата.

Заранди посочи дека на македонскиот пазар се дојдени за да направат разлика и да понудат нешто ново. Истакна дека имаат силни амбици и оти нивниот удел на пазарот ќе биде сериозен. 

 – Моментно тука има два оператора. Она што го нудиме ние ќе биде нешто ново, оваа интерсекција помеѓу 5Г-технологијата со другите што ќе бидат насочени кон индустријата е нешто што сметаме дека ќе биде привлечно за нови клиенти. Имаме многу искусни европски играчи од значајни телекомуникациски групи, не сме некоја мала компанија која е заинатерсирана за профит што ќе влезе само попатно, ќе остане тука четири-пет години. Тука сме за да останеме понатаму, да направиме разлика и со тоа да ги зголемиме и нашето присуство и клиентите – рече Заранди.

До изградба на сопствена мрежа ќе ја користат мрежата за т.н. национален роаминг на постојните два оператора. 

 – За да бидеме целосно независни, ќе имаме наша мрежа, тоа бара време, а на клиентите треба да им понудиме покриеност во целата држава. Поради тоа, ќе ја користиме мрежата на нашите конкуренти за т.н. национален роаминг. Овој т.н. национален роаминг е регулиран во Македонија и двата опертора мора да ни дозволат пристап до нивните мрежи затоа што од самиот почеток ќе ги користиме нивните капацитети. Нашата мрежа првично ќе ја лансираме во Скопје, а потоа и на целата територија. Националниот роаминг ќе го користиме сè додека не се воспостави наша мрежа, – појасни Заранди на новинарско прашање. 

Прашан каква опрема ќе користат, најави соработка со „Ериксон“ и истакна дека ќе се придржуваат кон законите на државата за користење безбедна мрежа.

Заранди истакна и дека како земја членка на НАТО, Северна Македонија е тесно усогласена со стратешката насока на Групацијата 4иГ. Покрај телекомуникациите и информатичките технологии, нашата Групација бележи развој и во областа на вселената, одбраната и бебзедноста. Поврзувањето на безбедни комуникации, дигиталната инфраструктура и одбранбените капацитети стануваат сè поважни, а Северна Македонија е клучен регион за раст, каде што овие области природно се преплетуваат. Отткука логиката на инвестицијата е далеку од обичен влез на телекомуникацискиот пазар. Воспоставуваме силна основа, која ги поддржува сите овие амбиции, регионална интеграција, дигитална инфраструктура, безбедност и долгорочна отпорност – рече претседателот на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор на стратегии во Групацијата 4иГ, Пал Заранди. 

Префиксот што ќе го користат сè уште се договара со АЕК, од каде што, пак, порачаа дека ова е еден од најважните денови за пазарот на електронските комуникации.

– Посакувам успешна работа и конкуренција, она што недостигаше од 2016 година, и да биде добро за целата држава и за граѓаните – рече директорот на АЕК, Јетон Акику, оценувајќи дека има можност и за четврти мрежен оператор.

Игор Бијаџиев, претставник на тимот на АЕК што го спроведе тендерот, порача дека новиот мобилен оператор ќе биде вистинска додадена вредност за економијата во државава.

– Државата со уплатата на надоместот го почувствува бенефитот, а бенефит ќе имаат граѓаните и бизнис-секторот, особено поради најавите дека ќе се изгради 5Г stand alone мрежа, која може да обезбеди многу поволности што досегашните такви мрежи не ги поддржуваат. Ова ќе нè вброи во врвот во Европа, во првите пет-шест држави со ваква мрежа со најнова технологија, како што се Шведска, Франција, Грција…, а ние ќе бидеме први во Западен Балкан. Ќе овозможи вработување на младите инженери од областа на телекомуникациите, како и работа за определени македонски компании што ќе соработуват – рече Бојаџиев. 

Влезот на трет мобилен оператор, како што дополни, ќе ја избрише забелешката на ЕК, која се појавува постојано од 2016 година дека нема конкуренција на пазарот на електронски комуникации. 

Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps. 

Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во изјава за медиумите тогаш оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата 4иГ ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператора во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.

На 22 април 2025 година Агенцијата за електронски комуникации отвори јавна расправа, која резултира со писмa за искажување интерес од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје, „Битстрим мобиле“ ДООЕЛ Скопје и од „Е&ппф телеком груп Б. В.“, а на 19 јули 2025 година донесе одлука за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz. 

Единствен квалификуван понудувач на тендерот беше „Оне Македонија телекомуникации“, а одлуката за избор на најповолен понудувач на тендерот беше донесена на 12 јануари годинава.