
Соопштение за јавност на ВМРО-ДПМНЕ:
Веројатно не постои црвена линија што Венко Филипче и Зоран Заев не би ја преминале ако на крајот од неа стојат пари.
Јавноста беше сведок за време на нивното владеење, а е сведок и денес, на апетитите кои очигледно немаат дно.
Таков е и случајот со д-р Жан Митрев, сопственик на истоимената болница, кој неодамна на национална телевизија изјави дека во период кога против него се водел судски процес, бил под директен притисок поврзан со сопственоста на неговата болница.
И во овој случај биле пакет аранжман, Заев-Филипче, и наместо да се држат до институционална дистанца, тие веднаш го препознале моментот како можност за профит.
Според кажаното од самиот Митрев, токму во тие околности му било сугерирано дека „може да му се помогне“ во судскиот случај, ако болницата заврши во „вистински раце“.
Во меѓувреме, му биле блокирани и личната сметка и сметката на болницата, а постоела и забрана за продажба. Но, штом станало јасно дека болницата е таргет, по само една недела, забраната била повлечена од страна на ЈО, со што се отворила можност за купување удели.
Ова е само уште еден меѓу многуте примери и се должи на инсталациите на СДС во судството.
Откако теренот бил исчистен следувала и спогодба, односно Заев и Филипче му понудиле на д-р Жан Митрев, цена за болницата далеку пониска од продажната, а за возврат да му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него.
Инаку, болницата Жан Митрев имала најголем буџет за време кога Филипче бил министер за здравство.
За 2015 година буџетот е 361.600.000 денари. Истиот се зголемува во 2017 година на 406.600.000 милиони денари, во 2018 повторно се зголемува на 457.000.000 денари. Во 2019 година има уште поголемо зголемување или 612.000.000 денари, за во 2020 година достигне 682.000.000 денари. За 2021 година, 602.000.000 милиони денари, за 2022 година, повторно 602.000.000 милиони денари, за 2023 година, околу 548 000 000 денари, за 2024 година, околу 515 милиони денари, а во 2025 година или минатата година е намален на 479.883.000 милиони денари.
Ова не е прва приватна здравствена установа на која Филипче и фрлил око, а во контекст на случајот логично е да се постави прашање, дали преку овие милионски трансфери за Филипче претставувале инвестиција во сопствен проект со цел подоцна требало да ја преземе како веќе профитабилен бизнис?
Додека граѓаните во екот на ковид пандемијата бараа вакцини, додека луѓе умираа, болниците беа на раб на капацитетите и граѓаните беа принудени да одат во соседни земји за вакцини, министерот за здравство очигледно имал поважни приоритети и сопствени бизнис планови и лични калкулации.
Дали ЈО ќе отвори истрага или ова ќе остане во сенка на политичките интерпретации на Филипче? Затоа што, вчера на неговата прес-конференција како заменик портпарол на СДС, овој случај се обиде да го минимизира.
