
Вкупно девет службени пиштоли, кои биле предмет на кривично дело тешка кражба извршена на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје, се пронајдени при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.
Оружјето било откриено во автомобил „Шкода октавија“, сопственост на правно лице од Прилеп. Возилото го управувал жител на Прилеп, кој на 14 јануари го изнајмил автомобилот и се обидел преку граница да ги пренесе полуавтоматските пиштоли, сокриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот.
По извршената проверка на сериските броеви било утврдено дека станува збор за оружје кое претходно било украдено од службените простории на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и било регистрирано како службено оружје на обезбедувањето на претпријатието.
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот, а јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи, согласно член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
