Skip to main content
Магазин

Ладни дланки и стапала: Кога се нормална појава, а кога знак за здравствен проблем?

10/01/2026  22:41

Нашиот организам природно ја регулира телесната температура. Кога надвор е многу ладно, телото како приоритет го насочува дотокот на кислород и крв до срцето и другите витални органи во торзото. Поради тоа, се намалува протокот на крв до периферните делови – дланките и стапалата – кои стануваат поладни од остатокот на телото.

Кај некои луѓе, ладните дланки и стапала се природна појава дури и кога надвор не е студено. Во таков случај, потребна е само дополнителна заштита и затоплување.

Сепак, оваа состојба понекогаш може да биде и симптом на одредени заболувања, како анемија, срцеви проблеми, дијабетес, хипотироидизам, Рејнов синдром, или недостиг на витамин Б12. Затоа, доколку појавата е нова или зачестена, препорачливо е да се побара совет од лекар.

Како дишењето влијае на циркулацијата?

Малку познат факт е дека ладните дланки и стапала често се поврзани и со неправилна техника на дишење. Кога дишеме пребрзо и плитко, крвните садови се стеснуваат, што ја намалува циркулацијата. Наспроти тоа, бавното, длабоко дишење преку нос поттикнува ослободување на азот оксид – молекула што ја подобрува циркулацијата и снабдувањето на клетките со кислород.

Пребрзото дишење исто така го намалува нивото на јаглерод диоксид во крвта, што може да влијае врз хемоглобинот – носителот на кислород во телото. Овој дисбаланс дополнително придонесува за појава на ладни екстремитети.

Затоа, експертите советуваат повеќепати во текот на денот свесно да се практикува бавно и длабоко дишење. Тоа не само што помага за потопли дланки и стапала, туку позитивно влијае и врз целокупното здравје.