Skip to main content
Македонија

14 години од смртта на Киро Глигоров – таткото на македонската независност

01/01/2026  09:29

Денеска се навршуваат 14 години од смртта на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија и една од клучните личности во процесот на осамостојување на државата.

По тој повод, делегација на Собранието на Република Македонија, во состав Емилија Ангелова и Славјанка Петровска, денеска ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Глигоров на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје, во својот дом, на 94-годишна возраст. Роден е на 3 мај 1917 година во Штип.

Тој имаше клучна и активна улога во процесот на осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање. Во 1991 година ја предводеше државата во мирниот процес на отцепување од поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, во која претходно извршуваше високи државни функции.

По референдумот одржан на 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за независна и суверена држава, Глигоров на 25 јануари 1991 година беше избран за прв претседател на самостојна Република Македонија од страна на Собранието. На 7 март истата година, му го довери мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада.

На 8 април 1993 година, Киро Глигоров првпат се обрати на македонски јазик од говорницата на Обединетите нации, кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.

На претседателските избори одржани на 16 октомври 1994 година, со мнозинство гласови повторно беше избран за претседател. На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба на улицата „Македонија“, во близина на хотелот „Бристол“. По неколкумесечно лекување, на 10 јануари 1996 година се врати на извршување на претседателската функција.

Својот втор претседателски мандат го заврши на 17 ноември 1999 година, на 82-годишна возраст.

По повлекувањето од активната политика, Глигоров беше активен како публицист и автор на повеќе значајни дела, меѓу кои „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија – реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е и основач на фондацијата „Киро Глигоров“.

Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“, а во текот на животот доби бројни домашни и меѓународни награди и признанија.