
Рускиот претседател, Владимир Путин потврди дека Русија може да направи територијални отстапки во мировните преговори со САД и Украина, но Донбас како што тој вели ќе остане руски. Ова го истакна на состанокот на „Државниот совет, советодавното тело на шефот на државата, кое се занимава со прашања од најголемо значење за земјата како целина“.
Според весникот „Комерсант“, Владимир Путин на тој состанок изјавил дека прашањето за Краматорск, Константиновска и Славјанск не е предмет на разгледување, но дека „не е исклучена делумна територијална размена од руска страна“.
Тие известуваат дека Путин на состанокот во Кремљ на 24 декември рекол дека Американците се откажале од некои од своите предлози како резултат на преговорите со Европејците и го оценил ова како „слабост“.
„Уште повеќе што Владимир Путин не го криеше фактот дека се разгледува прашањето за заедничко управување со нуклеарната централа Запорожје со САД (а не со Украина). На американска иницијатива, исто така, се разгледува испораката на електрична енергија до Украина. Владимир Путин, исто така, кога го прашале дали украинските експерти можат да работат во нуклеарната централа, одговорил дека тие сè уште работат таму, исто како и порано, само што сега имаат руски пасоши“, пишува рускиот весник.

