
Советот на Општина Карпош ја одржа својата шеста седница, на која советниците расправаа и донесоа одлуки по околу триесет точки од дневниот ред. Најнапред, со мнозинство гласови беше усвоено Предлог-решението за избор на претседател и членови на Комисијата задолжена за изработка на Програмата за работа на Советот за 2026 година.
На седницата беше донесена и Одлука за утврдување надоместок за членовите на Општинската изборна комисија – Карпош и за избирачките одбори, за нивниот ангажман во подготовката и спроведувањето на Локалните избори во 2025 година. Поддршка добија и 17-те годишни програми за работа на секторите и одделенијата во рамки на општинската администрација за 2026 година. По детална расправа, Советот го усвои и Буџетот на Општина Карпош за наредната година. Според образложението, Министерството за финансии ја информирало општината дека максималниот износ на сопствени приходи во основниот буџет за 2026 година ќе изнесува 608.436.000 денари.
Приходите од ДДВ се проектирани на 28.978.000 денари, додека средствата што ќе бидат обезбедени од Владата на Република Северна Македонија изнесуваат 615.020.279 денари. Планираниот пренесен вишок од претходната година е 80 милиони денари, со што вкупниот основен буџет на општината ќе достигне 1.332.434.279 денари. Врз основа на овие параметри, консолидираниот Буџет на Општина Карпош за 2026 година е утврден на 2.159.676.279 денари, од кои ќе се финансираат планираните расходи и активности на општината во текот на наредната година.
