Skip to main content
Македонија

Набавка на 100 нови амбулантни возила и уредување на паркингот кај Клиничкиот центар

24/12/2025  09:53

Владата донесе одлука за набавка на 100 нови амбулантни возила со современа медицинска опрема, наменети за јавните здравствени установи низ целата држава. За оваа намена се обезбедени средства во износ од 461.250.000 денари, со преземање буџетски обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години.

Со оваа инвестиција се очекува значително унапредување на системот за итна медицинска помош, побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациентите до секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита, како и подобра покриеност и во урбаните и во руралните средини.

Покрај ова, Владата информира и за продолжување на постапката за трајно решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Земјиштето на постојниот паркинг-простор ќе биде запишано во сопственост на Република Северна Македонија, со што се отстранува долгогодишната административна пречка за потпишување договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“.

Со склучувањето на договорот ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, како и воспоставување ред во паркирањето. Предвиден е целосен мониторинг на паркинг-просторот, поставување информативни табли и воведување дигитален водич кој ќе ги насочува граѓаните.

Целта, како што се посочува, е пациентите и здравствените работници да добијат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот на клиниките.