
Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, денеска во заедничка изјава го повторија своето барање за почитување на нивните граници, откако новоназначениот американски претставник за Гренланд, Џеф Ландри, рече дека е „почестен што служи за Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави“.
„Го кажавме тоа и претходно, го повторуваме и сега. Јасно го кажавме и претходно. Сега го кажуваме повторно. Националните граници и суверенитетот на државите се засноваат на меѓународното право. Не можете да анектирате други земји“, рекоа премиерите во заедничка изјава, објавува Гардијан.
Тие додадоа дека се во прашање „фундаменталните принципи“.
„Гренланд им припаѓа на жителите на Гренланд и САД не треба да го преземат Гренланд. Очекуваме почитување на нашиот заеднички територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Претходно денеска, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен рече дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат „територијалниот интегритет на Кралството Данска“.
Портпаролот на ЕУ, Ануар Ел Ануани, исто така одговори на изјавата на Ландри, велејќи дека територијалниот интегритет и суверенитет на Кралството Данска мора да се зачуваат.
Трамп денеска во објава на платформата Truth Social изјави дека го назначил гувернерот на Луизијана, Ландри, за специјален претставник на Соединетите Американски Држави за Гренланд.
„Џеф разбира колку е важен Гренланд за нашата национална безбедност и силно ќе ги унапреди интересите на нашата земја во безбедноста, сигурноста и опстанокот на нашите сојузници, а всушност и на целиот свет“, рече Трамп.
Порано овој месец, данската Агенција за одбранбено разузнавање во годишен извештај изјави дека Соединетите Американски Држави ја користат својата економска моќ за „наметнување на својата волја“.
На почетокот на својот втор мандат, во јануари оваа година, Трамп ја објави својата намера да го купи Гренланд, наведувајќи ја неговата стратешка позиција за безбедноста на САД, додека Данска, која ја контролираше арктичката територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд. Ова не е прв обид на САД да го купат Гренланд од Данска, а првите такви преговори ги водеше американскиот државен секретар Вилијам Х. Сјуард во 1867 година, кога договорот не успеа. Во 1946 година, САД понудија 100 милиони долари за територијата, оценувајќи ја како витална за националната безбедност, но данската влада го отфрли. Трамп, исто така, се обиде да го купи Гренланд за време на неговиот прв мандат, но данската и гренландската влада ја отфрлија таа понуда во 2019 година.

