Skip to main content
Свет

Саудиска Арабија го проширува пристапот до алкохол за странски резиденти

21/12/2025  16:17

Саудиска Арабија им овозможи на побогатите странски резиденти да купуваат алкохол во единствената продавница со дозвола за продажба на алкохол во Ријад, што се оценува како уште еден чекор во внимателниот процес на либерализација на некогаш ултраконзервативното кралство. Иако одлуката не беше официјално соопштена од властите, информацијата брзо се прошири меѓу странската заедница во земјата.

Во изминатите денови, пред дискретната и необележана продавница сместена во дипломатскиот кварт на саудискиот главен град, забележани се долги редици од автомобили и посетители, јавуваат светските агенции. Продавницата беше отворена во јануари 2024 година и првично беше наменета исклучиво за немуслимански дипломати.

Со новите правила, можност за купување алкохол добија и немуслиманските странци со дозвола за таканаречен „премиум престој“. Овој тип престој е предвиден за странци со специјализирани вештини, инвеститори и претприемачи и претставува дел од пошироката стратегија на Саудиска Арабија за привлекување странски капитал и експерти. Алкохолот во земјата е забранет од почетокот на 1950-тите години.