Skip to main content
Свет

Синдикатите на земјоделците во Франција се закануваат со нови протести

20/12/2025  20:44

Синдикатите на земјоделците во Франција соопштија дека не се задоволни од писмото на премиерот Себастијан Лекорни, во кое тој го објаснува државниот план за решавање на здравствените проблеми кај говедата на фармите, и најавија дека ќе продолжат со протестите.

Во писмото од речиси пет страници, Лекорни ја објаснува здравствената стратегија за борба против нодуларен дерматитис, која подразбира уништување на целата погодена фарма, пренесува Фигаро.

Откако во летото ја опустоши Савоја и се прошири во регионот Жира, болеста стигна на југозападот на земјата кон средината на октомври, предизвикувајќи огорченост во сиромашниот земјоделски регион кој веќе беше погоден од низа последователни кризи.

– Елиминирањето само на добитокот што покажува симптоми претставува голем ризик за ширење на вирусот, изјави Лекорни.

Тој го зголеми износот на фондот за итни случаи од 10 на 11 милиони евра, наменет за најмалите фарми.

Рурална координација и Конфедерација на земјоделци се против целосното уништување на стадата.

Франсоа Валрае, генерален секретар на „Рурална координација“, ги нарече најавите „слаби“ и побара владата да го преиспита протоколот за уништување. Тој повика на привремена пауза за време на Божиќ, но со закана за масовна мобилизација во јануари доколку нема напредок.

Националната федерација на синдикати (FNSEA) бара и гаранции за европскиот данок на јаглерод кој се применува на ѓубривата.

Организацијата „Млади земјоделци“ најави поединечни акции со „големо влијание“, но без целосни блокади на патиштата до Божиќ.