Skip to main content
Скопје

Поранешниот директорот на ,,Комунална хигиена” обвинет за загрозување на животната средина

18/12/2025  15:22

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад. Според обвинителството, истрагата покажала дека во текот на октомври годинава обвинетите, со пропуштање на надзор при собирањето, транспортот и управувањето со отпадот, можеле да предизвикаат сериозно оштетување на почвата, воздухот или водата, како и опасност по животот и здравјето на луѓето.

Заедно со вториот обвинет, управител за отпад, кој поседувал уверение за управување со отпад, како што додаваат од обвинителството, постапувале спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад, не преземајќи мерки за заштита и не спроведувајќи ги плановите за управување со комуналниот отпад во Скопје.

Поради неизвршување на редовното собирање и транспортирање на безопасен отпад и непобарана измена на оперативните планови, обвинетите, според обвинителството, овозможиле создавање диви депонии на јавни и сообраќајни површини.

-Бидејќи прибирањето на доказите е завршено, а обвинетите веќе немаат можност да влијаат на постапката, јавниот обвинител предложи мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено во судот и привремено одземање на патна исправа или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање. За обвинетиот управител со отпад кој се уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно привремено отстранување од работното место, стои во соопштението.