Skip to main content
Свет

Мерц повикува на договор за замрзнатите руски средства за поддршка на Украина

17/12/2025  19:36

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повторно ги повика лидерите на Европската Унија да постигнат договор за користење на руските државни средства замрзнати во ЕУ за финансиска поддршка на Украина тема што се очекува да доминира на Самитот во Брисел подоцна оваа недела. Во обраќањето пред пратениците, Мерц нагласи дека е потребно да се испрати „јасен сигнал до Русија“ дека продолжувањето на војната против Украина е бесмислено.

Германскиот канцелар е еден од главните поддржувачи на предлогот на Европската комисија, кој предвидува користење околу 210 милијарди евра (247,4 милијарди долари) руски средства, под санкции на ЕУ, за обезбедување заеми за Украина со цел земјата да може да се брани во наредните две години, потсетува ДПА.

Сепак, Мерц оваа недела оцени дека шансите лидерите на ЕУ да постигнат договор на Самитот се „педесет на педесет“, со оглед на спротивставеноста на Белгија каде се наоѓа најголемиот дел од средствата поради правни дилеми. Вчера, германскиот лидер повторно нагласи дека предлогот на Комисијата, според кој Украина би ги враќала средствата од идните руски репарации, е во согласност со меѓународното право и обврските на земјите членки. Тој оцени дека одлуката е „од исклучително значење“.

– Ова прашање се однесува на ништо помалку од европската безбедност и суверенитет, рече Мерц.