
Скопје денеска се најде на неславната листа на најзагадени градови во светот, рамо до рамо со светски мегалополи кои со години се соочуваат со сериозен проблем со квалитетот на воздухот. Според последните мерења на светските сервиси за мониторинг на квалитетот на воздухот (IQAir), главниот град на Македонија се искачи на високото 6-то место во светот според индексот на загаденост (AQI).
Со индекс од загрижувачки 210, Скопје влезе во таканаречената „виолетова зона“, што означува многу нездрав воздух за сите граѓани. На листата на најзагадени градови се најдоа и Лахор, Пакистан (AQI 255), Делхи, Индија (AQI 236), Карачи, Пакистан (AQI 230), Вухан, Кина (AQI 222) и Колката, Индија (AQI 212).

И покрај најавите за краткорочни мерки од надлежните институции, состојбата на терен останува непроменета. Граѓаните на Скопје повторно се принудени да чекаат ветер или дожд – единствените фактори кои во моментов носат привремено олеснување од густиот смог што го обвива градот.
Поради енормното загадување, здравствените експерти препорачуваат избегнување престој на отворено, особено за децата, трудниците и хронично болните лица, користење заштитни маски (N95/FFP2) доколку излегувањето е неопходно, како и затворање на прозорците во домовите и користење прочистувачи на воздух.
Алармантните бројки повторно го наметнуваат прашањето за потребата од итни и долгорочни решенија, со цел заштита на јавното здравје и подобрување на квалитетот на живот во главниот град.

