Skip to main content
Балкан

Рама формира комисија за етика за борба против непотизмот во СП

17/12/2025  16:45

Албанскиот премиер и лидер на владејачките социјалисти, Еди Рама, најави засилена борба против непотизмот во редовите на партијата, најавувајќи формирање комисија за етика. По негов предлог, комисијата ќе врши контрола на можни случаи на непотизам во партијата, а ќе ја предводи поранешната претседателка на албанскиот парламент и ексминистерка за образование, Линдита Никола.

Рама предупредил дека во министерствата и другите државни институции има бројни случаи на вработувања без заслуги и најавил дека таквите појави нема да се толерираат.

„Човек треба да се оценува според неговите заслуги. Пратениците, министрите, директорите, кои прават неправилности за да го вдомат некого, не сакаат да знаат дека тоа е нож во грб на нивните родители или баби и дедовци кои избираат да гласаат за СП. Обидот да се ублажат ефектите од непотизмот е како влегување во мрежа поподмолна од пајаковата. Комисијата за етика ќе го направи ова, ќе ја постави рамката и границите. Оваа работа е жртва, не е привилегија“, изјавил Рама на средба со парламентарната група на партијата.

Албанските медиуми наведуваат дека по серијата корупциски скандали и зголемените реакции од јавноста за партиски вработувања, Рама најавува „чистка“ во партијата и построг пристап кон неодговорните функционери.