Skip to main content
Македонија

Јаневска: Во 2026 рекордни 773 милиони денари за наука и истражувања

17/12/2025  15:53

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека Владата континуирано ги зголемува средствата за наука и истражувања со цел градење општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој.

„Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој“, рече Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија преку даночната регулатива.

Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука. Јаневска истакна дека за 2026 година се планирани рекордни 773 милиони денари за наука, во споредба со 380 милиони во 2024 и 680 милиони денари во 2025 година. Таа нагласи дека се преземаат активности за јакнење на научно-истражувачкиот капацитет, меѓу кои и вклучување на македонските научници во европските истражувачки мрежи преку договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

„Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.

Таа информираше и за зголемување на платите на универзитетските професори за 14 отсто, обезбеден бесплатен пристап до научните бази Web of Science и Scopus, како и подготовка на нови законски решенија за високо образование и научно-истражувачка дејност. Најави дека овие мерки, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет и отворањето на првиот државен научно-технолошки парк, ќе придонесат за подобрување на условите за научна работа.