
Новите членови на раководството и на Извршниот одбор на СДСМ ќе бидат соопштени утре, кога е закажана седница на Централниот одбор на партијата, најави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Според Филипче, извесно е дека функцијата генерален секретар ќе ја задржи Александар Саша Димитријевиќ, а еден од потпретседателите ќе биде ортопедот и поранешен кандидат за градоначалник на Општина Аеродром, Александар Трајановски.
Филипче нагласи дека при составувањето на новиот тим се водел од принципот на баланс меѓу искуството и подмладокот во партијата.
„Еден од најголемите предизвици кога се прави тим е да се обезбеди комбинација на искусни луѓе и млади луѓе кои сакаат да се развиваат и да работат. Тоа е процес на смена на генерации, во кој искусните треба да знаат дека не им е завртен грбот и дека секогаш има простор за пренос на знаење и искуство“, изјави Филипче, додавајќи дека токму таков тим ќе биде официјализиран утре.
Во однос на прашањето зошто тој е единствениот од врвот на партијата кој не поднесе оставка по изборниот пораз, Филипче посочи дека неговиот мандат започнал релативно неодамна.
„Мојот четиригодишен мандат започна пред неколку месеци. Партијата ја затекнав во тешка состојба по сериозен пораз, со многу разочарани и летаргични членови. Консолидацијата е долг процес и не може да се очекува резултатите да дојдат преку ноќ“, истакна тој.
На прашањето дали „давањето шанса“ важи и за функционерите кои поднесоа оставки, Филипче одговори дека тие и понатаму остануваат дел од СДСМ.
„Никој нема да ја напушти партијата. Секој ќе придонесува на свој начин, без разлика дали ќе има или нема формална функција“, порача лидерот на СДСМ.

