
Поранешниот државен правобранител на Македонија, Фехми Стафа, вечерва е лишен од слобода во полициска акција. Апсењето на еден од некогашните клучни функционери задолжени за заштита на државниот имот отвори сериозни прашања за евентуални злоупотреби на службената позиција.
Иако надлежните институции засега не излегоа со официјално соопштение, првичните информации укажуваат на сериозни сомнежи за коруптивни дејствија. Според неофицијални и се уште непотврдени информации од истрагата, Стафа е приведен поради основи на сомнение за сторено кривично дело поврзано со примање поткуп.
Извори блиски до истрагата брифираат дека станува збор за сума од неколку десетици илјади евра, средства кои наводно биле барани или примени за извршување или неизвршување на службено дејствие. Засега не се познати повеќе детали за околностите на апсењето, ниту дали во акцијата се опфатени и други лица.
Се очекува Министерството за внатрешни работи и надлежното Јавно обвинителство во текот на ноќта или утрешниот ден да излезат со официјални информации за случајот и за правната квалификација на делото.
Фехми Стафа на функцијата државен правобранител дојде како предлог на Алтернатива, а во јавноста се поврзуваше и со ДУИ. Против него во минатото имало и низа пријави поднесени до Финансиската полиција. Тој ја извршуваше функцијата државен правобранител – институција чија примарна задача е заштита на имотните права и интереси на државата пред судовите и органите на управата.

