
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до сите верници од православна вероисповед, по повод државниот празник Свети Климент Охридски.
Денеска, на 8 Декември го чествуваме Свети Климент Охридски, нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј.
Споменот за охридскиот светител е врежан не само во македонската, туку и во колективната меморија на целото словенство. Како што неговиот лик ги краси нашите храмови, така неговото име го носат многу наши образовни, научни и културни установи.
Најголемото наследство на Св. Климент се писменоста и вредностите што им овозможиле на луѓето да ги разберат книгите, a со тоа да се разберат и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствените животи, туку и за животот на заедницата.
Под негово водство, нашите краишта, од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина. Охридската книжевна школа и духовното и уметничко богатство оставиле печат врз европската цивилизација, надживувајќи империи, системи и идеологии заради трајна вредност и човечка универзалност.
Празникот е повод да се запрашаме колку од Светиклиментовите вредности на милост, смирение, взаемна помош и разбирање ќе препознаеме во реалниот, секојдневен живот?
Пред нас е голема задача: одново да ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро.
Нека пораката на Свети Климент, за смирение, милост, знаење и заедништво, биде наш водич и наша инспирација да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење.
Честит празник!
