Skip to main content
Свет

СЗО: Над 600.000 лица, претежно деца, умреле од маларија во 2024 година

04/12/2025  12:10

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека во 2024 година од маларија умреле околу 610.000 лица, претежно мали деца во Субсахарска Африка.

Британските медиуми пренесуваат дека бројот на смртни случаи и болести е зголемен во споредба со 2023 година,од дотогаш регистрираните 273 милиони случаи на околу 282 милиони.

СЗО предупреди дека борбата против маларијата стагнирала во последната деценија.

Иако 47 земји се сертифицирани како „ослободени“ од маларија, некои, како што се Етиопија, Мадагаскар и Јемен, бележат зголемување на случаите.

Зголемената отпорност на лекови и инсектициди, климатските промени и конфликтите претставуваат дополнителни предизвици.

Финансирањето на борбата против маларијата останува недоволно: вкупните инвестиции во 2024 година изнесуваа 3,9 милијарди долари, што е далеку под целта од повеќе од девет милијарди долари.

СЗО предупреди дека недостатокот на средства може да доведе до масовно и неконтролирано повторно заживување на болеста.

Директорот на глобалната програма за маларија на СЗО, Даниел Нгамије Маданди, нагласи дека новите алатки – третмани, дијагностика и вакцини „нудат надеж“, но дека тие мора да бидат достапни за луѓето кои се изложени на ризик, за да имаат вистинско влијание, со вклучување на владите и меѓународните донатори