
Во тест-периодот на новиот систем за видео-надзор „Безбеден град“ е регистриран досега најекстремниот прекршок: возач што со автомобил се движел со неверојатни 231 километар на час на скопската обиколница. Случајот се случил на 1 декември, а информацијата официјално ја потврдија началничката на Секторот за сообраќајни работи при МВР Маја Арсовска-Манов и државниот советник во кабинетот на министерот, Владимир Велковски.
„Имаме возачи кои улиците ги доживуваат како тркачки патеки. Ова уште еднаш покажува дека ни е потребен систем кој функционира 24 часа, а не само кога има патрола на терен. Грешка при ваква брзина најчесто завршува трагично, не само со казна“, изјави Велковски.
МВР соопшти дека вториот ден од тестирањето на системот бил забележан значителен пад на прекршоците, од 110 илјади регистрирани на 1 декември, бројката се намалила на 50 652 прекршоци за 24 часа.
Највисоката брзина забележана на вториот ден изнесувала 209 километри на час, а најниската брзина за која е издадена казна била 51 километар на час. Најчесто се возело пребрзо на излезот од Скопје кон Тетово и на булеварот „Никола Карев“.
Во однос на поминувањето на црвено светло, најмногу прекршоци биле регистрирани на раскрсницата меѓу улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“.
